bundle of joy

Воведување храна кај доенчиња е индивидуално и кај секого е различно. На тоа можат да влијаат повеќе фактори меѓу кои, колкаво количество на млеко има мајката и дали е доволно за вашето бебе, кога треба да оди во градинка, дали сака да пие млеко и сл.

Меѓутоа и покрај воведување храна, мајчиното млеко или формулата остануваат негов главен извор на исхрана.

Доколку бебето убаво напредува само со доење, тогаш се препорачува бебето да биде на екклузивно доење до 6 месец, но сепак може да се започне со воведување храна т.е. немлечна исхрана од 4-6 месец.

На почетокот се почнува со пробување на вкусови и само по неколку лажички во текот на еден ден. Се со цел да се види дали можеби вашето бебе е алергично на одредени производи.

Постепено количината на храна се зголемува и постепено се воведуваат нови вкусови за да на крај се замени еден млечен оброк со немлечен. Не се грижете за тоа колкава количина јадат, најважно е да се навикнат на нови текстури и вкусови да научат како да ја движат цврстата храна во устата и како да ја голтнат.

При започнување со воведување храна односно намирници, една намирница се воведува три дена и само таа намирница е нова во текот на тие три дена.

На почетокот храната пожелно е да биде термички обработена се со цел полесно да ја поднесе бебешкиот организам, исто така, треба да биде изблендирана.

Доколку кај мајката дојде до намалување на мајчиното млеко или мора да се прекине поради одредени причини, во тој случај бебето преминува на адаптирано кравјо или козјо млеко, а не козјо или кравјо млеко.

Кај педијатрите и нутриционистите постојат различни ставови околу воведување храна кај доенчиња и околу тоа кои намирници први се пробуваат.

Житарки – воведување храна

Житарките може да се воведат меѓу првите намирници во комбинација со мајчино или адаптирано млеко, па така вашето бебе со еден добро познат вкус запознава и нов.

Се препорачува житариците да се органски со контролиран и проверен квалитет. Може тоа да е ориз, просо, палента, киноа, јачмен, амарант, овес.

Со 7+ месеци може да се внесува и глутен. Најдобро е житарките да се дадат наутро како појадок. Сега кога почнувате со воведување храна, не заборавајте да изберете храна која му ги дава на вашето дете сите витамини и минерали што му се потребни.

Овошје и зеленчук

Кога почнувате со воведување на овошје и зеленчук важно е да нема пестициди и по можност да е од органско потекло. Исто така овошјето и зеленчукот треба да се сезонски и со проверен квалитет.

Според закон е пропишано дека детската храна не смее да содржи конзерванси, шеќери, адитиви, бои, ароми, не смее да содржи продукти со ГМО потекло.

Овошјето и зеленчукот може да се дадат на почетокот варени, печени или подготвени на пареа т.е термички обработени во вид на пире, а понатаму свежи и постепено да се почне со воведување храна во парчиња а може да пробуваат да јадат и со прсти.

Во рана возраст овошјето и зеленчукот се даваат како оброк а потоа се воведуваат како ужинка кај поголемите деца. Дозволете им да се хранат, користејќи ги прстите, штом самите ќе покажат интерес за тоа. Ако користите лажица, бебето можеби ќе сака да ја држи или пак да држи друга лажица за да се обиде да се храни.

Во консултација со вашиот педијатар можете да започнете прво со јаболко, крушка, банана, авокадо од овошје, а од зеленчук за почеток треба да се почне со морков, тиква, компир, тиквичка, сладок компир.

Откако ќе проба некоја од овие намирници, истата може да ја комбинирате со некоја нова за подобар вкус и за полесно прифаќање на истата.

Помеѓу 6 и 9 месец бидејќи вашето бебе веќе ги усвои првите вкусови можете да започнете со разновидна храна и постепено да ја зголемувате количината. Секое бебе е различно кога станува збор за тоа колку сака и што сака да јаде и затоа важно е да дозволите само да го одреди темпото на хранење.

Запомнете дека начинот на воведување храна како и бројот на оброци во одредена возраст на детето се потполно индивидуални и секако зависи од повеќе фактори.

Секое дете си е посебна индивидува и тоа најдобро ќе ви покаже кога е гладно или сито. Но сепак најдобро е со консултација на вашиот педијатар, да одредите со која намирница ќе започнете и со колкава количина за бројот на оброци на одредена возраст и слично.

Секогаш планот за воведување храна треба го прават заедно мајката и педијатарот.